DAAD

DAAD

Постдипломски студии во Германија


Постдипломски студии во Германија

За овој вид на стипендија може да аплицираат веќе дипломирани кандидати, чија диплома од додипломски студии не е постара од 6 години, како и апсолвенти. Доколку кандидатот се школувал во друга земја и не е вратен во Македонија повеќе од 1 година, треба да аплицира за стипендија од ДААД во земјата кадешто ги завршил студиите. Кандидатите што се запишани на постдипломски студии во Германија, а сакаат да аплицираат за стипендија за следната година од студии, може да аплицираат доколку немаат престој во Германија подолг од 15 месеци.


За да се аплицира за стипендија од ДААД, првиот чекор е кандидатот сам да најде студиски програми во Германија (до 3), каде што би сакал да ги продолжи своите студии и да ги контактира (особено важно доколку областа на студии се разликува од завршените студии) за да добие потврда дека ги исполнува условите за запишување на постдипломски студии таму. Одговорот оттаму следува во вид на официјална потврда за подобност или пак потврда по мејл.
Целиот процес за аплицирање и комуницирање (добивање на е-пошта, одговори или барања) се одвива преку https://portal.daad.de/irj/portal (сите документи од апликацијата освен препораката/препораките од професор мора да се прикачат на порталот на ДААД: https://portal.daad.de/irj/portal), 

По прикачување на сите документи, порталот сам генерира документ во pdf. формат (апликација). Во Германската амбасада во Скопје се доставуваат 3 копии од апликацијата заедно со препораките од професори.


Во прилог потребните документи за аплицирање:

1. Формулар од интернет (формуларот ќе го добиете по вашата регистрација на порталот на ДААД-порталот)

2.    CV

3.    Мотивациско писмо (не повеќе од 3 страни)

4. Детални информации за избраните студиски програми (до 3 студиски програми, профил, времетраење, цена - принт од интернет страницата на факулетите)



5. Формулар за избраните студиски програми/ опис на програмите во кратки црти (актуелна верзија на формуларот: Information about your preferred master programmes  (користете го овој формулар)


6. Потврда за контакт со факултетот (преписка по електронски пат/ Letter of eligibility/vorläufige Zulassung/мејл без добиен одговор со обид да се контактира факултетот)

7.    1 актуелна препорака од професор од факултет - пополнет формулар: http://www.daad.de/imperia/md/content/de/foerderung/recommendation.pdf (не е дел од апликацијата на порталот, се доставува еден оригинал во одделен коверт; актуелна верзија може да најдете на порталот)

8. Уверение од факултет со оценки за положени испити (обична копија од оригиналот и превод од судски преведувач, на англиски или германски јазик), незаверени на нотар


9. Диплома за завршено средно образование (обична копија од оригиналот и превод од судски преведувач, на англиски или германски јазик), незаверени на нотар


10.  Потврда за познавање на јазик (потврда од посетуван курс во приватно училиште за странски јазици, потврда од професор/ка на факултет, доколку сте слушале германски/англиски јазик и нема официјален модел на потврда)


11. други потврди, сертификати, препораки (пракса, работа и сл.) (обична копија од оригиналот и превод од судски преведувач, на англиски или германски јазик), незаверени на нотар.


*Доколку аплицирате за стипендија за втората година од студиите, ги доставувате истите документи, при што наместо информации за трите избрани програми, потребни се информации за програмата каде што сте веќе запишани и наместо потврда за подобност, потребна е потврда дека сте веќе примени на факултет!!!

Неколку технички упатства:
- документите не треба да се хефтаат, нити поврзуваат со спојки .
- копиите/скеновите на документите треба да се еднострани и на формат А4 (ова важи особено за дипломата за завршено средно образование, не треба да е на А3 формат, преклопена, туку секоја страна од дипломата да се ископира/скенира на А4, еднострано).

Доколку имате какви било технички проблеми, ве молиме контактирајте ја техничката служба: portal@daad.de !!!

Кандидатот сам бара и бира што и каде би сакал да студира во Германија, услов е да се работи за студиска програма, која почнува во зимскиот семестар наредната година, да не е онлајн програма и студиите да се одвиваат само во Германија, односно ако дел од семестар се престојува вон Германија, тој престој не треба да биде подолг од 25% од вкупното времетраење на студиите. За пребарување на факултети може да Ви помогне следниов линк:

www.daad.de/idp

Стипендијата покрива МЕСЕЧЕН надомест за стипендистот од 750,- Евра, школарина во висина до 500,- Евра по семестар и патни трошоци до 350,- Евра.
Може да студирате на германски или англиски јазик, само внимавајте, некои програми кои се на англиски се поскапи од 500,- по семестар. 

Доколку вашите студии се на англиски јазик и немате познавање на германски јазик воопшто или пак под А2 ниво, тогаш потребно е да дојдете во нашата канцеларија, за да лекторката Ви издаде документ (секако со претходно најава за посета). За студентите кои имаат познавање на германски јазик над А2 ниво се одржува тестирање OnDaF + OnSeT. За студентите кои ќе студираат на германски, а немаат официјална диплома и за нив ќе има OnDaF тестирање.
Што се однесува до официјалните сертификатите за познавање на јазик, кои ги бара факултетот, за апликацијата за стипендии не е неопходен, но пожелен, при контактирањето со факултетот прашајте каков вид на сертификат и со кое ниво на познавање на јазикот би Ви барале кога би дошол моментот на аплицирање кај нив.

По поднесувањето на документите се организира бесплатен тест за германски и англиски, за оние кои имаат какво било познавање од германскиот и англискиот јазик, потоа се разгледуваат апликациите од страна на комисија, дел од кандидатите потоа се повикуваат на интервју во текот на февруари. Резултатите за тоа кои кандидати се добитници на стипендија се добиваат на пролет, кон средината на април. Тоа е токму периодот во кој веднаш би можеле да аплицирате на факултетот во Германија.
Значи, целиот процес на аплицирање е административен, освен контактот кој би било пожелно да го остварите со факултетот/факултетите.

Рокот за аплицирање за стипендиите кои ги доделува ДААД за постдипломски студии е од 15. септември до 15. ноември секоја година и се однесува за следната академска година. Документите се поднесуваат во Германската амбасада во Скопје (не мора лично, може и по пошта) во 3 примероци. Ги молиме оние, кои ќе ги поднесат апликациите директно во Германската амбасада (не по пошта), да ги достават сите документи во отворен (незалепен) плик.

Адреса: 
Германската амбасада Скопје
ул. Леринска бр. 59
1000 Скопје

Не потребно да закажувате термин за доставување на документите, бидејќи портирницата на амбасадата работи 24/7!!!

Информациите кои се наведени овде може да подлежат на измени, така што Ве молиме да се информирате навреме кај нас, пред поднесување на документите.