DAAD

DAAD

Често поставувани прашања

      1. На кој јазик треба да го напишам CV-то и мотивационото писмо?
При изборот на програма за студирање во Германија, избирате меѓу програми на англиски, програми на германски или програми на германски и англиски јазик. CV-то и мотивационото писмо го составувате на јазикот на којшто планирате да студирате т.е. јазикот кој подобро го владеете, јазикот на кој подобро се изразувате.

2. Како треба да изгледа мотивационото писмо?  
Мотивационото писмо е еден од најважните документи при составувањето на апликацијата за стипендија. Не треба да биде прекратно, ни предолго, од 1 до 3 страни, препорачливо 2 страни. Внимавајте на тоа дека писмата ги чита комисија, којашто за кратко време треба да прочита голем број на писма. Тука наведувате зошто се одлучувате за студии токму во Германија и токму за таа област на студирање. Добро би било да направите некаков спој меѓу она што го претставува Вашето досегашно искуство, сегашните ангажмани и она што го очекувате во иднина, по завршувањето на студиите. За оние што аплицираат за постдипломски студии, добро би било доколку во мотивационото писмо ја опфатат и својата замисла за магистерската работа.  

3. Кој е рокот за аплицирање за стипендија и каква е постапката?
Рокот за аплицирање за стипендија секоја година е 15. ноември, за најголем дел од програмите. Кандидатите од областа на архитектурата и уметноста, апликациите ги доставуваат во Германија, директно во Бон и рокот за аплицирање за нив е до 31. октомври. На овие датуми порталот се затвора во 00 часот. При праќање на документите секогаш Ви важи датумот од печатот односно датумот од печатот на пратката не смее да е постар од 15. ноември односно 31. октомври. Во Германска амбасада се доставуваат документите до 15. ноември 12 часот. 

Во периодот од 15. септември до 15. ноември може да ги доставувате Вашите апликации во Германската амбасада во Скопје. Првата информација што ќе ја добиете од наша страна е покана за бесплатно јазично тестирање (за сите оние што имаат некакви познавања од германски јазик а аплицираат за постдипломски студии и за сите кандидати што аплицираат за летни јазични курсеви), како и покана за интервју или известување дека не одите понатаму. 

Со бесплатниот јазичен тест се утврдува нивото на познавање на јазикот. 

По спроведувањето на интервјуто во февруари, конечните резултати пристигнуваат кон крајот на април/ почетокот на мај. Оние што ќе добијат стипендија треба да започнат да се подготвуваат за престојот во Германија, да се запишат на факултет (во зависност од роковите за програмата) и сл. а добиваат и лице за контакт од Бон, со кого ќе може да организираат и договораат се понатаму.

4. Што претставува јазичното тестирање?
Јазичното тестирање е наменето за кандидатите што имаат некакви познавања од германски јазик. Со ова тестирање (ОнДаФ-тест) се утврдува нивото на познавање на германскиот јазик кај кандидатите за стипендии за постдипломски студии и за летни јазични курсеви. Резултатите на кандидатите за стипендии за постдипломски студии не се од суштинско значење за одлуките за доделување на стипендија. Кандидатите за постдипломски студии што ќе студираат на англиски јазик, добиваат и курс по германски јазик пред започнување на студиите. Курсот ќе биде продолжителен од она што се утврдило како Ваше ниво на познавање на јазикот.  Овој тест е задолжителен за кандидатите за стипендија за летен јазичен курс со цел да се потврди дека нивото на познавање на јазикот е на ниво Б1 или повисоко. Резултатите од овој тест влијаат при донесување на одлуката за стипендија. 

      5. Дали ми се потребни потврди за познавање на јазикот, за кој јазик и какви потврди?
Сите универзитети/ факултети во Германија наведуваат одредени сертификати за познавање на германски/англиски јазик како услов за запишување на студии. Ваша ориентација се условите што Ви ги наведуваат програмите што сте ги избрале како приоритети. ДААД го бара од Вас она што го бара/ бараат соодветниот факултет/ соодветните факултети. При аплицирање за стипендија, може да доставите каква било потврда за познавање на јазикот/јазиците. Сепак, набрзо по поканата за интервју во Германската амбасада, од главното седиште на ДААД во Бон, Германија може да Ви биде побаран соодветниот сертификат. Овие сертификати ќе Ви бидат потребни и подоцна кога ќе се запишувате на факултетот во Германија, што значи дека во најскор рок ќе треба да се пријавите и да го полагате соодветниот испит.

6. Каква е таа потврда за јазик потребна при аплицирање за стипендија? 
Потврда за познавање на јазик може да биде потврда за изучуван јазик од факултетот каде што сте студирале, потврда од приватното училиште каде што сте посетувале курс по јазик или некој друг вид потврда дека го познавате јазикот на одредено ниво. 

7. Каква е таа потврда за контакт со факултетот/ универзитетот во Германија? 
Контактите со факултетите во Германија се од една страна за Ваша сигурност, да бидете сигурни дека доколку ја добиете стипендијата, ќе добиете и место за студирање на факултет во Германија, а од друга страна и доказ пред комисијата дека сте се потрудиле да стапите во контакт со факултетите и ќе може и натаму, во текот на студиите да контактирате со соодветните служби во Германија. Она што треба да ги прашате е дали Вашата програма, она што сте го студирале досега е компатибилна со тоа што ќе го студирате натаму. Најголем дел од кандидатите добиваат ваков документ со праќање на уверение преведено на англиски/ германски јазик. Контактирате со лицето што е одговорно за странски студенти на самиот универзитет или лице што е одговорно за студиската програма што сакате да ја студирате. Голем дел од факултетите доставуваат документ дека ги исполнувате условите за да студирате таму (vorläufige Zulassung/ proof of eligibility). Доколку не добиете Вакво нешто, доволна Ви е преписката со факултетите таму како доказ дека сте се обиделе да го добиете овој документ. Доколку не добиете одговор, доставете го документот со кој сте се обиделе да стапите во контакт со одговорното лице со забелешка дека до дадениот момент не сте добиле одговор. 

8. Доколку сум повикан на интервју, на кој јазик ќе биде интервјуто?
Интервјуто ќе биде на оној јазик на кој планирате да студирате во Германија. Во Германија се нудат програми на англиски, програми на германски и програми на англиски и германски јазик.

9. Дали ќе бидам поканет на интервју?
Секоја година, за стипендија аплицираат над 100 кандидати. По доставување на апликацијата, стручна комисија ги разгледува документите и одлучува кои кандидати ќе бидат поканети на интервју. 1/3 од кандидатите што се пријавиле за стипендија, ќе бидат поканети на интервју со што се зголемуваат можностите за стипендија. Кандидатите што нема да бидат поканети на интервју, ќе добијат известување по мејл.

10. Како изгледа интервјуто?  
Интервјуто вообичаено се спроведува во декември/јануари/февруари во Германската амбасада во Скопје. Станува збор за усно испитување на кандидатите од страна на повеќечлена комисија со македонски професори, професори од Германија, како и претставници од главното претставништво на Германската служба за академска размена во Бон (Германија). Прашањата се од различен карактер, во врска со програмите за студирање, прашања за мотивацијата на кандидатот, како и актуелни теми од секојдневниот живот.

11. Кои се условите за да добијам стипендија?
Покрај наведените општи услови при аплицирање, потребно е да го знаете следново: при оценување на кандидатите важи принципот на бодирање. Бодови носат: успехот од средно и високо образование, мотивацијата на кандидатот, биографијата, дополнителните ангажмани на кандидатот, познавањето на странски јазици; се разгледуваат личните способности на кандидатот, способностите за адаптација во друга земја и сл.

12. На кој јазик треба да ги преведам документите што ми се потребни за аплицирање?
Документите може да Ви бидат на германски или на англиски јазик. Препорачливо е, преводите да Ви бидат на оној јазик, на кој ќе Ви биде мотивационото писмо и кратката биографија односно цела апликација да Ви биде на еден јазик, по Ваш избор/ јазик кој го владеете подобро (германски или англиски јазик).

13. Што е тоа ДААД-портал?
Сите документи што се потребни за аплицирање за стипендија, во форма на пдф. документи се поставуваат на ДААД- платформата. Потребно е да се регистрирате на: www.funding-guide.de, да ја изберете програмата за којашто сакате да аплицирате и да започнете со доставување на документите онлајн. На крајот ја добивате целосната апликација во пдф. формат. Испринтајте ја апликацијата, направете две копии и доставете ги трите примероци во Германската амбасада. 

14. Како се вика програмата што треба да ја изберам?
При регистрирањето на ДААД-порталот, може да изберете германски или англиски јазик. Доколку сакате да аплицирате за стипендија за постдипломски студии, изберете ја програмата: Study Scholarships for Graduates of All Disciplines/ Studienstipendien für Graduierte aller wissenschaftlichen Fächer; за стипендија за летни јазични курсеви: University Summer Courses offered in Germany for Foreign Students and Graduates/ Hochschulsommerkurse in Deutschland für ausländische Studierende und Graduierte; реинвитација на поранешни стипендисти: Re-invitation Programme for Former Scholarship Holders/ Wiedereinladungen für ehemalige Stipendiaten; за полни докторски студии: Research Grants – Doctoral Programmes in Germany/ Forschungsstipendien – Promotionen in Deutschland; истражувачки престој во рамките на докторските студии со времетраење од 7 до 10 месеци: Research Grant – One-Year Grants/ Forschungsstipendien – Jahresstipendien; истражувачки престој во рамките на докторските студии со времетраење од 1 до 6 месеци: Research Grant – Short-Term Grants/ Forschungsstipendien – Kurzstipendien; научно-истражувачки престои за професори: Research Stays for University Academics and Scientist/ Forschungsaufenthalte für Hochschullerhrer und Wissenschaftler; Study Visits by Groups of Foreign Students/ Studienreisen für Gruppen von ausländischen Studierenden in Deutschland.

15. Прашања во врска со формуларот!!!
Формуларот за аплицирање го спуштате како pdf. документ откако ќе се регистрирате на нашиот портал со свој мејл и лозинка. Овој формулар е ист за сите што аплицираат за стипендија преку Гермнската служба за акдемска размена со што има некои прашања што не се соодветни за Вашата програма. Постојат задолжителни прашања, обележани со * . Доколку не ги пополните, порталот нема да Ви  ја прифати апликацијата. Доколку имате какви било проблеми од техничка природа, обратете се на: portal@daad.de . При избирање на целната институција, се мисли на Вашиот избор на факултети/ универзитети со програми за студирање, може да наведете една до максимум три програми. Подобро е да имате повеќе програми за да бидете сигурни дека доколку ја добиете стипендијата, ќе најдете и место за студирање. 
Треба да внимавате на тоа дека не постои еден единствен и точен одговор на прашањата. Комисијата го оценува и начинот на кој ги сфаќате и одговарате на поставените прашања од формуларот.

16. За каков вид на стипендија може да се аплицира? Дали може да се пријавам за стипендија за додипломски студии? 
Стипендиите што ги нуди Германската служба за академска размена (ДААД) за Македонија опфаќаат програми за студенти (кои не се во прва и последна година од студии) и може да аплицираат за летен јазичен курс во Германија; студенти во последна година од студии или дипломирани студенти и сакаат да продолжат со постдипломски студии во Германија како и студенти што се веќе запишани на постдипломски студии во Германија и аплицираат за стипендија за следната година од студии; магистри заинтересирани за целосни докторски студии во Германија, како и студенти запишани на докторски студии во Германија или Македонија, а сакаат да го спроведат истражувањето за својот докторски труд во Германија. Можност за аплицирање за стипендија за истражувачки престои во Германија имаат и млади научници, асистенти и професори од Македонија. За жал, Германската служба за академска размена на студенти не нуди стипендии за матуранти, заинтересирани за започнување со додипломски студии во Германија.  

17. Како може да стапиме во контакт со Вас и каде може да Ве најдеме?
Нашата канцеларија се наоѓа на Хемискиот институт (населба Автокоманда, спроти хотел Континентал, позади општина Гази Баба). Тоа е долната зграда од Природноматематичкиот факултет при Универзитетот "Кирил и Методиј" во Скопје. Канцеларијата се наоѓа веднаш над влезот во зградата на Хемискиот институт. Прашањата може да ни ги упатувате на фејсбук: https://www.facebook.com/verbindungsburodaad.skopje, по мејл: daadlektorat. skopje@gmail.com, на телефон: 02/3216-656 или да не посетите во наведеното работно време. Пред да доаѓате, најдобро е да ни се обратите најпрво телефонски, за да Ви потврдиме дека сме во канцеларија.  



Keine Kommentare:

Kommentar veröffentlichen